Светски познатата платформа за изнајмување на сместување, „Airbnb“, поради пандемијата на коронавирусот воведе забрана за сите забави и настани во просториите што се издаваат под наем.

Како што објавија на нивната веб-страница, тие воведуваат „глобална забрана за сите забави и настани во интерес на јавното здравје“, пренесува Би-би-си.

Забраната важи за сите идни резервации и ќе остане на сила до следното наредно известување, се вели во соопштението на компанијата.

Новите правила исто така предвидуваат максимум до 16 лица во сите простории што се изнајмуваат.

„Некои луѓе решија да го пренесат однесувањето од баровите и клубовите по домовите, дури и оние изнајмени преку нашата платформа. Сметаме дека таквото однесување е крајно неодговорно и не сме заинтересирани за тој вид на работење. Секој што овозможува или дозволува такво однесување не припаѓа на нашата платформа“, соопштија од „Airbnb“.

Компанијата додава дека оние што ќе ја прекршат оваа забрана ќе бидат законски гонети за кршење на новите правила.

извор: Makfax