Поштенска банка повеќе од сигурно оди во рацете на холандската ИНГ. Министерот за финансии Никола Поповски, по овластувањето што го доби неодамна од Владата, деновиве конечно стави параф на Писмото за намери со што се отвара патот за финиширање на купопродажбата на доминантниот пакет акции на “Еуростандард банка” во оваа наша банка на Холанѓаните. Според министерот Поповски, сега се на потег акционерите на Поштенска кои ќе треба да ги завршат сите останати активности и да ги договорат сите детали. Дознаваме дека се планира целата работа да финишира најдоцна на почетокот на декември.
Наши извори велат дека сега се чека Холандската централна банка да даде согласност брендот на ИНГ да влезе во нашиот банкарски пазар. Доброупатените велат дека постапката е во тек и дека дозволата ќе биде добиена деновиве. Во прилог на фактот дека преговорите се одвиваат според предвидената динамика е и информацијата дека писмо на добра волја до холанската банка доставил и гувернерот Петар Гошев кој потврдува дека Македонија е заинтересирана во нејзиниот банкарски систем да влезе една ваква банка од светски калибар. Тие ќе чекаат сопственикот на акциите кои се предмет на продажба – “Еуростандард банка” да ја договори со ИНГ цената по која ќе биде извршена купопродажбата по што ќе ја дадат потребната согласност за промена на акционерската структура на Поштенска. Дознаваме дека и од гувернерот на Холандската Народна банка е добиено писмо во кое тие на Владата и гарантираат дека се работи за сериозен партнер и дека доколку двете страни се договорат, Народната банка на Холандија ќе ја даде потребната согласност.
Официјални извори потврдуваат дека двете страни се блиску до договорот за цената на акциите и дека наскоро се очекува Холанѓаните токму за ова прашање да пристигнат на преговори во Скопје.
Неофицијално се дознава дека ИНГ е дефинитивно заинтересирана само за бизнисот, но не и за новата зграда на Поштенска и дека има намера да инвестира поголем капитал во најсовремено опремување на шалтерите на Македонска пошта чии услуги како и досега би ги користела Поштенска банка.


Весна М. БОЖИНОВСКА