Министерството за финансии, речиси во целост ја отфрлило предложената “терапија за реанимација” на здравството што на посебната владина седница ја предложи министерот за здравство, Владо Димов, дознава “Вечер” од компетентни извори. Според нив, здравството би можело да очекува некој денар повеќе, единствено ако се зголемат акцизите на цигарите, алкохолот и премиите за осигурувања на возилата. Од сегашните зафаќања не би можело да се обезбеди инфузија за здравството. Барањата за некакви наменски државни инвестициони фондови за здравството се тргнати како нереални, а пред финансиерите паднале и заложбите за враќање на ДДВ-то на лековите од сегашните 18 на некогашните пет проценти.
Овие неофицијални сознанија ни се потврдени од неколку извори, иако содржината на целиот документ не е за јавност. Министерот Димов, непосредно пред “историската” седница на Владата за здравството, што се одржа пред неколку месеци, јавно изјави дека ако не се преземе нешто, здравството ќе колабира. Министерството за финансии покажало некакво расположение повеќе пари за здравството, евентуално, да се обезбедат со зголемувањето на придонесот, односно зафаќањата на платите. За излез од куршцлусот се чека враќањето на премиерот Бучковски, кој ќе треба да го пресече јазолот во кој заглави реанимациониот концепт на Димов.
Јавниот медицински сектор не може да се надева ни на парите од продажбата на аптеките, а одговорот на финансиерите за можноста такво нешто да се случи при евенутална продажба на некој друг здравствен објект, е крајно резервирана. По теркот на претходните мерки кај финансиерите минал и предлогот за државни капитални инвестиции и некои други елементи од пакетот за лекување на македонското здравство.


Ристе НЕДАНОВСКИ