Министерот за финансии Никола Поповски и постојаниот претставник на Светската банка Сандра Блуменкамп вчера “зад затворени врати” секој посебно, го потпишаа договорот за новиот ПДПЛ-аранжман кој Македонија го доби од светските банкари во октомври, годинава. Ова го тврдат од Кабинетот на министерот Поповски. Наспроти оваа изјава, Блуменкамп вели: ” Аранжамнот ќе биде потпишан во текот на неделава кога ќе го усогласиме времето за да го направиме тоа. Сите услови за аранжманот се исполнети, програмата е одобрена од Бордот на банката. Потпишувањето е само техничка работа”.
Дали Македонија и Светската банка вчера го потпишаа или не аранжманот по вакво разгласие остана нејасно, но очигледно е дека вчера баш не сакале да се погледнат в очи. И, додека од Канцеларијата на Светската банка во Скопје велат дека јавното потпишување на Договорот за аранжманот е одложено, поради, технички причини, од Министерството за финансии се категорични дека параф е ставен, но поради непланирани итни обврски на Поповски во Владата и во Собранието не било можно да се организира јавно потпишување, како што тоа, впрочем, се практикувало до сега.
Ваквата тајност и разногласие, доаѓа само ден откако првиот финансиер Поповски јавно и порача на Светската банка дека “греши и дека ова не и е прв пат”, алудирајќи на нејзината препорака да се позанимава со големите фирми неплаќачи на ДДВ-то за потрошена електрична енергија. Во јавноста вчерашното одлагање на јавно потпишување на договорот веднаш е ставено во контекст на, наводно, заладените односи меѓу Светската банка и македонскиот прв финансиер Поповски. Дека нешто “чкрипи” во односите меѓу Владата и локалната канцеларија на Светска банка веќе не е тајна, уште при обидот на Блуменкамп да ги “пролонгира” пензиските реформи. За ова, наводно таа не “тужела” кај Орсалија Казанѕопулос, регионален директор на Светска банка, која дошла со тврд став кон нашите реформи, но дека по владиното образложение, видно омекнала. Сепак ова не беше и крај на “тивката војна” која се отвори меѓу домашните и “светските” финансиери при што секој има цврсти аргументи во своја рака. Додека Поповски се определи за отворен фронт и критика, засега Блуменкамп оди на софистицирани спуштања од “технички причини”, иако за овие забелешки на министерот за финансии прокоментира дека не ги слушнала но, дека се разбира за нив била информирана.


Работите се вадат од контекст
“Двете изјави се точни. ДДВ-то е платено од страна на ЕСМ, но во исто време “Силмак” не го платил овој данок на МЕПСО. Проблемот е кај МЕПСО. Ние секако покажуваме загриженост околу финансиската солвентност на МЕПСО”. Ова вчера го изјави Сандра Блуменкамп, по завчерашната изјава на Поповски дека “Светска банка пак греши” и тука нема неплатено ДДВ. Можам да ве упатам на “ед-мемоарот”, кој зборува за неплаќањето на ДДВ на потрошена електрична енергија од страна на “Силмак”. При вакви комплексни изјави важно е да не се издвојуваат само одредени делови од нив и да се вадат надвор од контекст, туку да се гледаат во рамките на пошироката енергетска реформа. Досега сме имале одличен дијалог со Владата во секоја смисла, како во рамките на енергетскиот сектор, така и во сите други сектори, рече Блуменкамп.


Весна М. БОЖИНОВСКА