Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска, ги демантираше, како што велат од оваа партија, спиновите што беа претставени во јавноста деновиве, оти таа леела солзи за време на говорот кој го одржа за време на најзиниот службен престој во Белград, поточно на Зелениот економски конгрес.

„Емоции во обраќањето имаше, зашто сум искрено загрижена за иднината на Македонија, но не знам кој видел да се леат солзи??“, вели Поповска, додавајќи дека нејзиниот исказ е во духот на сите нејзини досегашни изјави и ставови по ова прашање.

Таа појасни дека на средба со парламентарци од Хрватска ги замолила хрватските колеги да и помогнат на земјава за добивање датум за преговори во јуни.

„Како блиска земја од регионот тие може полесно да ги разберат нашите фрустрации со долгогодишното чекање пред вратите на ЕУ, кога дебатите на оваа тема се претворија во мантра. Како пратеници направивме огромна жртва, за да не остане Македонија заборавена, откако целата меѓународна заедница застана зад Договорот од Преспа, како последен услов за нашите евроинтеграции. Истакнав дека евентуалното недобивање датум, ќе биде огромно разочарување за сите граѓани, а голема е веројатноста да дојде до политичка криза, подем на национализмот и дестабилизација внатре во земјата и во регионот, имајќи го предвид регионалниот контекст“, истакнува Поповска.

 

извор: Makfax