Репрезентацијата на Украина моментално важи за едно од најголемите разочарувања на ЕП во Франција. Украинците прво загубија во дуелот против селекцијата на Германија, а потоа беа шокирани од репрезентацијата на С.Ирска.

Таквата слика за украинскиот фудбал може да се промени само доколку денеска, избраниците на Микаило Фоменко забележат позитивен резултат во дуелот против репрезентацијата на Полска која пак е во игра и за првата позиција во групата “Ц”.

Со убедлива победа, репрезентативците на Полска ќе имаат големи шанси да ја освојат првата позиција, а со реми, избраниците на Адам Навалка и математички ќе си го осигураат планираниот пласман во 1/8 финалната рунда.

Многу сме блиску до исполнување на зацртаната цел, но не сакаме да застанеме во 1/8 финалната рунда. Оваа репрезентација има голем потенцијал, голем квалитет, кој најпосле излезе на виделина. И покрај негативните резултати во првите две кола, ние нема да ја потцениме Украина. Знам дека имаат амбиција да победат во последното коло, дека сакаат со победа да се простат од ЕП 2016. Очекувам тежок натпревар, борба за секоја топка, но се надевам дека нема ниту еден фудбалер да се пожали на некаква посериозна повреда. Ако бидеме сконцентрирани и трпеливи, тогаш сигурно ќе победиме, изјави селекторот на Полска, Адам Навалка.

Дуелот помеѓу репрезентациите на Полска и Украина старува во 18:00 часот.