Полска следната недела ќе преземе чекори кои водат до повлекување од европскиот договор за борба против насилството врз жените за кој десничарската влада смета дека ги крши родителските права, рече денеска министерот за правда Збигњев Зиобро.

На прес-конференцијата, Зиобро најави дека неговото министерство во понеделник ќе поднесе барање до Министерството за труд и семејство за да започне процесот за повлекување од договорот, познат и како Истанбулска конвенција.

„Овој договор содржи елементи со идеолошка природа што ги сметаме за штетни“, рече министерот.

Владејачката полска партија Право и правда (ПиС) и нејзините коалициони партнери се тесно усогласени со ставовите на Католичката црква во земјата, промовирајќи конзервативна социјална агенда. Идеите против правата на геј заедницата беа една од главните теми што ги промовираше претседателот Анджеј Дуда за време на успешната кампања за реизбор во текот на месецов.

Во петокот илјадници луѓе, претежно жени, протестираа на улиците на Варшава и другите полски градови, во знак на незадоволство поради предлогот за повлекување од договорот.

„Нивната цел е да го легализираат семејното насилство“, рече Магдалена Лемпарт, еден од организаторите на протестите во Варшава. Некои демонстранти носеа транспаренти на кои пишуваше „ПиС е пекол за жените“.

ПиС долго време се жалеше на Истанбулската конвенција, која Полска ја ратификуваше за време на претходната центристичка влада во 2015 година.

извор: Makfax