Шефот на моќниот полициски синдикат во Чикаго рече дека секој полицаец во градот кој ќе клекне на колено за време на протестите по смртта на Џорџ Флојд, ќе биде исклучен од синдикатот, пренесува „Фокс32 Чикаго“.

Џон Катанзара, новиот претседател на чикашкиот братски ред на полицијата, рече дека гестот на кој сведочеле низ целата нација за време на протестите по смртта на Флојд во Минеаполис, е предавство на униформата.

„Не верувам дека е време или место да се прави тоа. Ако клекнете, ќе ризикувате против вас да бидат покренати обвиненија и да бидете исклучени од синдикатот. Земето го на пример овој викенд. Ова беше за укинување на финансирањето и на полицијата. И за тоа ќе клекнете на колено? Тоа е смешно“, рече Катанзара пред станицата.

Смртта на Флојд на 25 мај предизвика светски повици за расна правда и за осуда на полициска бруталност и поттикна силно движење  за укинување на полицијата по две недели судири меѓу полицијата и демонстрантите.

Минатата недела, еден поручник од њујоршката полиција се извини поради својата „ужасна одлука“ да клекне на колено за време на протестите, со што ја посрамотил униформата.

На прашањето за коментар на изјавата на Катанзара, градоначалничката на Чикаго, Лори Лејтфоут, рече дека нема да го удостои тоа со коментар.

„Јас навистина не мислам дека треба да им придаваме важност на таквите несреќни коментари и нема да одам да удостојам со понатамошен одговор“, рече таа.

Полицајците од Чикаго што ќе бидат исклучени од синдикатот сепак ќе може да останат на работа, но нема да им бидат загарантирани придобивките од договорите што се преговараат помеѓу градот и синдикатот.

Катанзара, кој во 2017 година беше критикуван за објавување фотографија во униформа на Фејсбук со знак за поддршка на претседателот Доналд Трамп и на правото на вооружување, рече дека полицајците што сега им клекнуваат на демонстрантите ја прават истата работа – само на другиот крај на политичкиот спектар.

„Тоа е политички став“, рече тој пред станицата. „Сакам да видам што се случува на ниво на одделот. Нема да претпоставувам ништо, бидејќи градоначалничката поддржува ваков вид работи. “

извор: Makfax