Полицаец од Свети Николе нападнал и повредил брачен пар во центарот на градот. Трајче Јованчев обвинува дека полицаецот Орде Цветановски без причина му го скршил стаклото од возилото и почнал да го удира со клоци и тупаници, а потоа ја нападнал и неговата сопруга која во автомобилот седела до него. Настанот се случил во неделата околу полноќ, по прославата на победата на СДСМ во Свети Николе.

– По прославата во центарот на градот, со сопругата се враќавме дома, кога застанавме на крстосница, давајќи им предност на другите возила. Во еден момент нешто удри во автомобилот и го скрши прозорецот. Помислив дека во мене се забил друг автомобил. Тогаш го видов полицаецот Орде Цветановски, кој беше во цивилна облека, со маица на ВМРО-ДПМНЕ како ми ја отвора вратата и ме удри прво со нога во ребрата, а потоа со тупаница в лице. Тргна околу автомобилот и ја фати за врат мојата сопруга. Тогаш излегов од автомобилот за да ѝ помогнам, но тој, упатувајќи закани кон моите деца, се тргна кон неговото возило, во кое го чекаше син му и замина. Навистина, не знам што му згрешивме и зошто така реагираше. Веднаш случајот го пријавивме во полиција – раскажува Јованчев.

Брачниот пар Јованчеви се членови на СДСМ. Се сомневаат дека тоа била причина полицаецот да ги нападне. Раскажуваат дека Цветановски и порано имал слични инциденти и бил пријавуван за прекумерна употреба на сила на работно место.

– Со Цветановски сме соседи, живееме во истиот влез на зградата и досега не сме имале никакви кавги. Сепак, вработен сум во Основен суд Свети Николе и оттаму знам дека против него има најмалку два предмета за прекумерна употреба на сила во службата – рече Трајче Јованчев.

Полицаецот Орде Цветановски потврди дека имал физичка пресметка со брачниот пар Јованчеви. Признава дека бил симпатизер на ВМРО-ДПМНЕ, но негира дека тоа било причина за инцидентот. Раскажа дека претходно бил нападнат од стотина активисти на СДСМ, кои дошле пред неговата зграда, го повикувале да излезе, му го оштетиле автомобилот и се обиделе да му влезат во станот. Меѓу нив најверојатно ги препознал и децата на Јованчеви.

– Нешто пред полноќ се вратив од работа во село Лозово, каде што бев на обезбедување на изборите. Набрзо почнав да слушам врева од надвор, скандирања, свирење на автомобили и помислив дека активистите на СДСМ слават, ќе завртат неколку круга околу зградата и ќе си заминат. Но тие почнаа да го извикуваат моето име, ме повикуваа да излезам надвор, дека ќе се пресметале со мене, дека немало да го дочекам понеделник. Почнаа да тропаат и по ролетните од прозорците, па влегоа во влезот на зградата и се упатија кон мојот стан. Во тој момент излегов да ги прашам што бараат. Ме опколија, почнаа да ме навредуваат, да ме удираат и ме извлекоа надвор на паркингот. И тука ме удираа со клоци и тупаници. Сето тоа го гледаа моите две малолетни деца. Морав да се бранам, па почнав да удирам по сè што беше пред мене. Во тој афект, можеби сум скршил некое стакло од возилата со кои беа дојдени и удрив некого од толпата. Беа околу стотина, бев многу исплашен – раскажува полицаецот Орде Цветановски.

Активисти на СДСМ кои вечерта биле очевидци на настанот го снимиле инцидентот и на видео снимката се гледа како Цветановски крши стакла од неколку автомобили и удира по луѓе кои седат во нив. Дел од нив, млади луѓе на околу 20-годишна возраст, повредени и видно исплашени, не сакаа отворено да зборуваат, бидејќи, како што тврдат, Цветановски им се заканувал дека ќе ги убие.

– Точно е дека вечерта славевме, дека дојдовме пред неговата зграда, но ниту го провоциравме, ниту го скандиравме неговото име. Во еден момент тој и неговиот син излегоа од зградата и почнаа да удираат по нашите возила, да ги кршат стаклата и со клоци и тупаници повредија неколку мои пријатели. Дел од нив имаа скршени носови, раце и набиеници по телото – раскажуваат активистите на СДСМ кои вечерта присуствувале на инцидентот, а дел од нив беа со видливи повреди.

Од полицијата го потврдуваат инцидентот, кој сега е во рацете на внатрешната контрола на МВР и обвинителството.

– Во инцидентот повредени се повеќе лица кои побарале помош во Медицинскиот центар Свети Николе. По настанот, полицискиот службеник сам се пријавил во полициската станица во Свети Николе. За настанот е известено Основното јавно обвинителство Свети Николе и веднаш е вклучен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот, рекоа од СВР Штип.

Полицаецот Орде Цветановски се сомнева дека бил цел на напад, затоа што во време на изборниот молк ги спречил активистите на СДСМ да растураат изборен материјал. Од светиниколската организација на СДСМ ваквите обвинувања ги нарекоа смешни и несериозни.