КОГА БАСТУНОТ ЌЕ ЈА ЗАМЕНИ ПОЛИТИКАТА

Од независноста до денес на прсти се бројат политичарите кои ги победиле ветровите на промени и до скоро активно учествувале во македонската политика. Им пркосат на годините, па и денес гласно кажуваат што не чини, и кој каде погрешил. Сите ги поврзува политичката харизма, и покрај различните ставови и идеологија, и различните функции кои ги имале низ годините. Пратеници, лидери на партии, собраниски спикери успешно се прилагодија на општествените промени, и оставија свој печат во македонската државност.

Лидерот на социјалистите, Љубисав Иванов Ѕинго, од неодамна ужива во пензионерските денови. Повеќе од 40 години го има под свое рударско-индустрискиот комбинат Силекс”. Подеднакво успешно се докажа и со Силекс банка и телевизија Сител.

До пред скоро една година тој активно учествуваше во сите парламентарни состави. Во неговата долга политичка кариера беше и претседател на Фудбалската федерација и спонзор на фудбалскиот клуб Силекс”. Ѕинго соработуваше сп СДСМ и со Бранко Црвенковски, а од 2002 година неговата партија е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Вечер го праша Ѕинго како се чувствува по толку години во политиката, а тој порача дека во животот најубавите работи се случуваат надвор од политиката.

“Јас сум во политика близу 60 години и мислам дека во целокупниот свој живот сум работел да створам за народот, за луѓето, за општеството, за државата, да створам семејство, фамилија да створам и за себе, и тоа човек го прави среќен и задоволен. Најубавите работи се надвор од политиката. Се што е лошо е во политиката. Само во политиката лошото треба да се филтрира, да се отстранува, да доаѓаат добрите работи. Што се однесува до моето семејство, моето влијание и влијанието на мојата сопруга, особено нејзиното ако се има предвид колку сум бил ангажиран во политиката, јасно е дека нејзиното пресудило децата да не се занимаваат со политика. Ќе видиме како ќе биде со внуките и со внукот” – вели Ѕинго за Вечер.

Стојан Андов до својата 76 година активно учествуваше во работата на македонското Собрание. Граѓаните денес го паметат како долгогодишен претседател на Собранието и пратеник во сите досегашни парламенти. Пред предвремените парламентарни избори во 2011 година Андов раководната позиција во Либералната партија реши да му ја препушти на Ивон Величковски.
Во неговата политичка кариера соработуваше и со левите и со десните партии. Андов беше коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, за во 2008 година повторно да се врати во коалицијата на СДСМ.

Тито Петковски, исто така, се вбројува во редот на пратеници со најдолг политички стаж. Освен пратеник, од 1996 година до 1998 година беше и претседател на Собранието. По несогласувањата со партискиот врв во СДСМ, во 2005 година Тито Петковски ја формираше Нова социјалдемократска партија. По парламентарните избори во 2006 година стана дел од владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, но по две години се премисли и ја напушти владината коалиција. Се уште е пратеник од редовите на опозициската коалиција предводена од СДСМ.
По сите овие години во политиката, го прашавме Петковски што најмногу му останало во сеќавање по деновите поминати во собраниското столче.

“Како најдобар момент секогаш ќе го паметам денот кога се усвои Декларацијата за независноста на Република Македонија и говорот на претседателот Глигоров пред Обединетите нации на македонски јазик. Во мојата кариера секогаш најлош момент ќе биде 24 декември, кој ќе остане срамен датум во македонската историја” – вели лидерот на НСДП.

Во политичките промени во овие дваесет и две години и во левица и во десница играше и Борис Стојменов. Една година беше министер за финансии, а запаметен ќе остане и како еден од тројцата потпретседатели на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојменов своевремено ја поддржуваше политиката на СДСМ, но на последните парламентарни пратеничката фотелја ја доби како кандидат на листата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Јованка ЦАРУЛЕСКА