Претседателот, Ѓорге Иванов, денеска го прими Метју Палмер вршител на должност заменик-помошник државен секретар во Стејт Департментот на САД за Европа и Евроазија.

Како што информираат од кабинетот на Иванов, на средбата се разговарало за актуелните политички состојби во земјава и за натамошно зацврстување, збогатување и унапредување на стратегиското партнерство меѓу Република Македонија и САД.

Во однос на постигнатиот договор меѓу владите на Македонија и Грција, Иванов истакнал дека не прифаќа договор со кој се кршат Уставот, Законите и се рушат државните институции, односно претставува договор кој е на штета на македонските национални интереси.

Според шефот на државата, Македонија уште во 2008. година ги исполнила условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесува во НАТО мисиите, заедно со земјите-членки и поради тоа, како што истакнал, го заслужува членството без дополнителни услови.

Иванов исто така изразил очекување дека ќе продолжи американската поддршка за надворешно политичките цели и приоритети на земјава, за добрососедските односи и регионалната соработка.

извор: Makfax