Обвинението за воени злосторства против Хашим Тачи го става Западот во тешка позиција, пишува бриселскиот портал „Политико“ и оценува дека тоа ќе ги искомплицира напорите на ЕУ и САД да се постигне мировно решение за Косово и дека ќе се покренат прашања за соработката на Западот со Тачи.

Во обемна анализа на последиците од објавувањето на обвинението против Тачи, „Политико“ предвидува дека силните реакции што тоа ги предизвика ќе имаат далеку поголемо влијание од последиците за самиот Тачи, односно дека ќе одекне на Балканот и пошироко и ќе се протега со текот на времето, поставувајќи незгодни прашања за надворешната политика на Западот „тогаш и сега“.

Порталот посочува дека веста за жал се појавила во време кога Тачи бил на пат за Вашингтон, каде што требал да учествува на состанокот за новата ера на економски односи со Белград, чиј домаќин требало да биде специјалниот пратеник на американскиот претседател, Ричард Гренел.

Порталот предупредува дека обвинувањата против Тачи, сега, во голема мера ги комплицираат напорите на ЕУ и САД за постигнување конечно мировно решение меѓу двете страни во, како што наведува, нестабилното ќоше на Европа, каде што Русија, Кина, Турција и арапските земји од Персискиот Залив се натпреваруваат за влијание.

„Политико“ смета дека на специјалниот пратеник на американскиот претседател за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Ричард Гренел, сега ќе му биде потешко да ја претвори својата мисија во голема надворешнополитичка победа за неговиот шеф во изборната година во САД.

извор: Makfax