Преку упростени процедури, без долги судски процеси, тапија за земјиштето ќе добиваат и граѓаните кои плацот го купиле од претходен сопственик само со договор потпишан од сведоци, незаверен на суд. Вакви договори се правени во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, кога земјиштето било национализирано, па немало правен основ да бидат заверени.

Со новата постапка утврдена со измените и дополнувањата на Законот за градежно земјиште кои се во Собрание, предвидено е лицето кое го користи земјиштето или неговите законски наследници, нотарски да заверат изјава дека најмалку 20 години го користат земјиштето врз основа на договор за купопродажба склучен со поранешен сопственик. Исто така, треба да достават и известување од органот на државната управа надлежен за имотно-правните работи и доказ дали за градежното земјиште има поведено постапка за приватизација и доколку е поведена, дали е завршена. По поднесување на барањето, надлежниот орган ќе спроведе постапка и ќе донесе решение против кое може да се поведе управен спор.

Министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, вели дека точниот број на лица кои имаат проблеми поради незаверени купопродажни договори, за кои некои водат и судски постапки, не е познат, но се оперира со бројка од околу 10.000 семејства.
– Измената е направена заради големиот број случаи кои со постојните законски решенија не можат да го завршат процесот за стекнување на сопственост на земјиштето на кое живеат и повеќе од 20 години. Таканаречените меѓусебни договори кои не се заверени, голем број на граѓани ги поседуваат како единствен доказ дека во минатото го купиле земјиштето на кое сега имаат објекти и каде што живеат. Сметам дека на овој начин ќе им се излезе во пресрет на огромен број граѓани кои со децении трчаат од институција до институција, од орган до орган, трудејќи се да изнајдат начин да стекнат сопственост на земјиштето на кое живеат целиот живот – рече министерот.

Со овие измени и дополнувањата на Законот за градежно земјиште се врши и дорегулирање на дополнителните услови за учество на јавно надавање и се прецизира прашањето кога наддавањето е завршено. Исто така, се утврдува рок за солемнизација на договорите за отуѓување и давање под закуп на градежно земјиште сопственост на државата. Солемнизацијата, односно нотарската потврда на договорите, треба да се заврши за 30 дена по добивање на мислење од државниот правобранител, во спротивно, договорот ќе се смета за ништовен.
– Се дополнуваат посебните и дополнителни услови за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање, кои можат да бидат предвидени во објава за отуѓување на градежното земјиште. Со ова се овозможува правни лица кои се регистрирани во Република Македонија, а основани од странски правни лица да можат да ги исполнуваат посебните дополнителни услови предвидени со објавата за да учествуваат на јавните наддавања – појасни Јанакиески.
Во Законот се додава и нов член со кој се обврзува странското правно лице да мора да биде доминантен сопственик во правното лице регистрирано во нашата држава од моментот на пријавување за учество на јавно наддавање, па се до моментот на исполнување на обврските од договорот за отуѓување, односно давање под долготраен закуп на градежно земјиште по пат на јавно наддавање.

Со измените и дополнувањата им се овозможува на сопствениците на објекти или посебни делови од објекти за кои е донесено решение за легализација и запишани во јавната книга на недвижности да можат да извршат оформување на парцелата, при што делот на кој е изграден објектот е 70%, а дворот 30% од вкупната парцела. (С.Ву.)