Градоначалникот Стевчо Јакимовски, информираше за резулататите од јавниот конкурс кој траеше повеќе од еден месец на кој се пријавиле 14 куќни совети што се подготвени да учествуваат со заедничка инвестиција за реконстукција или изградба на покриви.

– Овие 14 згради, ќе ги посети наша петчлена комисија составена со двајца инженери, еден архитект, правник и вработен во Финансии. Согласно критериумите кои беа дадени во огласот, ќе се утврди ранг-листа врз чија основа ќе почне да се работи на првата зграда, а потоа согласно рангирањето и распоредот, изјави градоначалникот Јакимовски.

Тој упати апел до граѓаните за ново аплицирање и ги информираше за дополнителна шанса за изградба на нов покрив и реконструкција на постоечкиот со помош на општината.

-Нов конкурс ќе објавиме во јануари следната година, со предвидените буџетски средства за 2016 година. Ги повикувам сите оние куќни совети кои имаат потреба од реконструкција на покривите, а и оние кои треба да се променат, благовремено да подготват проекти и да обезбедат средства кои се потребни за учество, како и да извадат градежна дозвола која се издава во локалната самоуправа, за да може непречено да аплицираат во јануари. Тие покриви ќе се работат од јули до октомври 2016 година – истакна Јакимовски.

Градоначалникот Јакимовски образложи дека 14-те апликации ќе бидат прифатени доколку правилно се пополнети, а исто така соопшти и дека за новиот конкурс ќе бидат издвоени повеќе буџетски средства, поради големиот интерес на граѓаните.

Тој додаде дека за изминатиот конкурс обезбедените 10.000.000 денари ќе ги покријат трошоците во станбените објекти потребни за парна брана, ламарина, олуци и шрафови.