Министерството за образование ги повикува наставниците од одделенска настава, како и компетентните и заинтересирани лица, активно да се вклучат во процесот на градењето на новиот модел за основно образование и да достават свои критики, коментари и предлози за подобрување на новите наставни програми и реформите во основното образование.

„За да создадеме што е можно подобар и поквалитетен образовен модел, сакаме да го слушнеме гласот и мислењето на лицата кои секојдневно се вклучени во образовниот процес, наставниците. За да обезбедиме квалитетен ран детски развој и да изградиме ефикасен и ефективен воспитно образовен систем со добра и силна основа, кој пред сè ќе биде цврст, безбеден и отпорен на разни промени и потреси, потребно ни е здраво и цврсто основно образование. Во таа насока, создаваме нов образовен модел за основно образование и нови и квалитетни наставни планови и програми за учениците од 1-3 одделение“ се наведува во соопштението од министерството.

Работната група која го создава овој нов образовен модел, се состои од експерти во областа, професори од Филозофскиот факултет и Педагошкиот институт, но и практичари во областа, односно наставници кои работат со ученици од 1-3 одделение.

Новиот образовен модел, го засега, и се однесува на работата на наставниот кадар.

Коментарите и предлозите можат да се испратат на [email protected], како и до архивата на Министерството за образование и наука (ул. Св. Кирил и Методиј бр. 54).

извор: Makfax