Покажете интерес, но не “убивајте се” од работа
На работа не секогаш цветаат ружи, тоа сите многу добро го знаеме. Проблеми секогаш има. Сепак, некои проблеми се помали, а некои поголеми и некогаш навистина е тешко да се решите што би било најдобро да направите. Колку далеку треба да се оди за да се добие работата на вашите соништа (или барем некаква работа), или за да ја задржите работата? Треба ли да лажете, да ги шпионирате колегите, да се “убивате” од работа – се во име на кариерата? Дали сепак постојат и некои други решенија, па совеста да ви биде мирна и да можете да ја задржите својата гордост? Еве некои можни дилеми и можни решенија. Разговор за работа: ве прашуваат дали знаете, да кажеме, шпански. Вие не знаете и сте во дилема дали да излажете – што ако потврден одговор на тоа прашање не е пресудно за да бидете примени? Подобра идеја е сепак да не лажете, затоа што не се знае што се може да се случи и колку притоа можете да се посрамите. Се подразбира дека не е добра идеја само да кажете дека не зборувате шпански (или кој било јазик или вештина), но можете веднаш да покажете интересирање за учење. Ваш колега или колешка нешто згрешиле: дали тоа да му го кажете на шефот? Од една страна, грешката која тие ја направиле би можела негативно да се одрази на вашата работа и вие да бидете отпуштени поради тоа, од друга страна нема да бидете многу популарни меѓу колегите ако ги “тужикате” на шефот. Не е лоша идеја насамо да им укажете на колегите или колешките кои направиле грешка и дека вие точно знаете што направиле – и дека ќе бидете искрени ако шефот ве праша за тоа. Сакате унапредување: треба ли да се “убивате” од работа за да го добиете? Во принцип, прекувремена работа во кус период поради унапредување се смета за позитивно, шефовите главно ценат луѓе кои се посветени на работа, но не се опседнати со нив. Постојано да се “убивате” од работа не е добра идеја – може да ви се намалат работните способности, плус сите да ве гледаат накриво без некоја посебна причина. Го прифаќате намалувањето на платата: да или не? Направивте грешка и намалена ви е платата. Што да правите во таква ситуација (ако платата ви е намалена затоа што фирмата е во лоша состојба и на сите им се намалени платите, знате што да направите)? Непријатно е, но би требало да го признаете својот неуспех и да продолжите понатаму. Ако е потребно, разговарајте со шефот и речете му дека грешката нема да се повтори, како и дека сте волни да одите на усовршување – со тоа покажувате дека работата ви е значајна. Најдобро да се процени што ви е најважно во животот – ако работата ви е од голема важност, нема претешко да ви падне ниту една жртва која ја правите за работата.