Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, на маргините на 138. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ) во Женева, остварил средба со Иракли Кобахиѕе, претседател на Парламентот на Грузија на негово барање.

На почетокот на средбата, претседателот на Грузискиот парламент ја истакнал важноста од започнување на поинтензивен политички дијалог меѓу Грузија и Република Македонија, посочувајќи дека двете земји сè уште немаат воспоставено дипломатски односи, а имаат слични цели и предизвици, како што се интеграцијата во ЕУ и НАТО.

Потврдувајќи дека Република Македонија предничи пред Грузија на овој план, тој искажал интерес за отпочнување на соработка во насока на споделување на искуства и добри практики меѓу пратениците и службите на двата парламенти.

Грузискиот парламент е особено заинтересиран за функционирањето на Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија и апроксимацијата на законодавството со она на ЕУ. Грузија од своја страна, може да ги сподели своите позитивни искуства во борбата против корупцијата, реформата на полицијата и подобрувањето на услугите за граѓаните.

Џафери изразил задоволство од остварувањето на средбата и посочил дека и покрај невоспоставените дипломатски односи, пратениците од двете земји соработуваат во рамките на меѓународните парламентарни собранија. Тој истакнал дека Република Македонија е подготвена да развива секаков вид на билатерална соработка со Грузија, нагласувајќи дека двете земји успешно соработуваат во рамките на ОБСЕ и НАТО.

Претседателот на Грузискиот парламент го поканил својот македонски колега да учествува на два значајни настани што ќе се организираат во Грузија во наредниот период – одбележувањето на 100 годишнината од обновувањето на независноста на Грузија на 26-ти мај 2018 година и Петтиот глобален самит за Отворено владино партнерство на 17-19 јули 2018 година.

извор: Makfax