Познатиот српски глумец Иван Бекјарев почина вчера на 74-годишна возраст од последици од коронавирусот.

Бекјарев е еден од најпознатите српски и југословенски актери со исклучително плодна и долга кариера, а одлично се снаоѓаше во сите жанрови на театарската, филмската и телевизиската уметност.

Роден е во Белград на 6 април 1946 година, каде што учел во Шестата белградска гимназија, а потоа дипломирал на Факултетот за драмски уметности.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Бекјарев иако малку го говореше македонскиот јазик, не се либеше да каже дека има македонско потекло. Повеќе пати учествуваше во промотивни активности на Македонскиот туризам на Белградскиот саем на туризмот. Родителите на Бекјарев потекнуваат од Македонија. Неговиот татко дошол во Белград пред Втората светска војна, а мајката Радмила (по потекло од Гевгелија) дошла во Белград во 1945 година.

Бекјарев има снимено повеќе од 50 филмови во поранешна Југославија, Србија, Данска, Италија и други земји. Првата голема улога ја имаше во 1967 година во филмот „Боксерите одат во рајот“. Играше голем број улоги во ТВ драми и популарни серии како „Бањица“, „Отпишани“, „Подобар живот“, „Среќни луѓе“ и многу други. Најголемата популарност ја стекна толкувајќи ликови во култни ТВ серии – Стеван Курчубиќ во „Подобар живот“ и Бошко Деспотовиќ во „Среќни луѓе“.