Според БЕГ, за зголемениот интерес на потрошувачите за приклучување кон централниот систем за греење во Скопје постојат повеќе причини, но една од главните е цената на услугата, која во изминатите неколку години постојано се намалува, наспроти цените на останатите енергенси кои се користат за греење, а кои одат во нагорна линија. Дополнителен фактор е и можноста за бесплатно вклучување во системот за сите потрошувачи кај кои постојат технички услови за тоа.

– Согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, актуелната цена на парното греење за домаќинствата е намалена за речиси 11 отсто во однос на цената во претходната грејна сезона, а намалување на цената имаше и за останатите категории потрошувачи, наведува БЕГ.

Трендот на пораст на склучени договори, како што се додава во соопштението, покажува дека кај жителите на Скопје расте свесноста за бројните предности и комфорот што го нуди централниот системот за парно греење.

– Освен поголемиот комфор, голема предност на централниот систем за парно греење е неговата економичност, како и фактот дека значително придонесува за намалување на аерозагадувањето во главниот град, што е на линија на растечката еколошка свесност на жителите на Скопје, информираат од БЕГ-Снабдување.