Сојузот на стопански комори (ССК) ја поддржува Владата во напорите за воведување на трговски судови во земјава. ССК смета дека оваа реформа во судството претставува позитивен чекор во напорите за подобрување на ефикасноста во решавањето на стопанските спорови.
– Се уште судскиот систем во земјава не е адаптиран на пазарното работење и се уште не се почитува до крај начелото за неприкосновеност на сопственоста. Имаме случаи кога судиите стануваат пристрасни кон должинците – вели Никола Ефтимов, извршен директор на Сојузот на стопанските комори.
Претседателот на ССК, Венко Глигоров вели дека постојаните менувања на законите и многубројните нерешени стопански спорови претставуваат пречка за стопанствениците.
– Воведувањето пенали за судиите кои нема навремено да ги завршат своите предмети ќе придонесе за зголемување на ефикасноста на нивното работење – вели Глигоров.
ССК смета дека судиите кои ќе водат трговски спорови неопходно е, покрај домашното право, да имаат познавање и на меѓународното право.