Синдикатот на вработените во Клиничкиот центар во Скопје наредната недела ќе одлучи дали ќе го обнови штрајкот, кој го стави во мирување минатиот месец, што ќе зависи од тоа дали ќе дадат резултат преговорите кои ќе ги водат со Управниот одбор и директорот на центарот Андреја Арсовски, односно дали ќе биде исполнето нивното барање за покачување на платите.
“Наредната недела ќе биде потпишан Гранковиот колективен договор за целото здравство, со што ќе се отстранат пречките за отпочнување на разговори за договор на ниво на Клинички центар. Ние не отстапуваме од барањето за 100 процентно покачување на платите, со оглед на тоа што по направените анализи утврдивме дека, и со такво покачување, тие нема да бидат повисоки од платите во другите сегменти во јавниот сектор”, рече на вчерашната прес-конференција претседателот на Синдикатот, Ангелчо Саздовски.
Досега, како што додаде тој, им биле понудени многу помалку средства од она што тие го барале, што апсолутно не ги задоволува нивните барања. “На платен фонд во висина од 82 милиони денари, ни понудија дополнителни пет милиони, или зголемување од пет до шест проценти, што апсолутно е неприфатливо”, рече Саздовски. Според него, средства за покачување на платите можат да се најдат, и тоа во најголем дел, во рамките на распределбата во Клиничкиот центар, бидејќи како што рече, сега има многу неправилности. Тој појасни дека во овој сегмент има неправилности и во делот за набавка на лекови и потрошен материјал за клиниките која ја врши Фондот за здравствено осигурување, а со средства наменети за Клинички центар. (Р.Н.)