Долговите кон “ЕСМ Дистрибуција” вчера ги подмириле Факултетот за Драмски уметности (ФДУ) од Скопје и ОУ “Живко Брајковски”. Како што информираа од компанијата, по плаќањето на долгот, овие две образовни институции веднаш биле приклучени во електроенергетскиот систем. – Акцијата за исклучување на големите потрошувачи во моментов е прекината. Но, не е исклучена можноста деновиве акцијата повторно да продолжи – велат од “ЕСМ Дистрибуција”. Оттаму информираат дека во моментов екипите се на терен и ги реализираат редовните исклучувања за неплаќачите на електричната енергија. По големата акција на “ЕСМ Дистрибуција” кога беа исклучени голем број државни и образовни институции, од завчера повторно имаат струја Министерството за одбрана, Факултетот за исламска религија, МНТ и Домот на културата во Струмица. Министерството за финасии, Државниот факултет во Тетово и околу 30 средни и основни училишта и понатаму се наоѓаат во мрак.