„Одлучивме да продолжиме со своите значајни и големи идеи од визионерски карактер”, порача премиерот на Грција Алексис Ципрас при неговата посета на официјален Белград. За да не остане недоумица, веднаш објасни дека не мисли само на железницата до Солун, туку на идејата за поврзување со Егејското море која е стара повеќе од сто години.

Освен српските и грчките власти, за проектот секако дека е заинтересирана и Македонија. На оваа тема зборуваа и српскиот и македонскиот претседател во ноември минатата година, кога во Белград на работна посета беше Ѓорѓе Иванов, кој оцени дека каналот Вардар-Морава е историска шанса за регионот која поради идните генерации не смееме да ја пропуштиме.

Тогаш Иванов утврди дека постојат уверувања дека Кина е спремна да најде финансиски партнер за изградба на пловниот канал доколку за тој проект се договорат Србија, Македонија и Грција.
Проектот Морава-Вардар бил “мртов” се до 1961 година, кога одново се започнати студии за истиот.

Таа година е изработен и проект на основа на идејата на СФРЈ и Грција. Експертите на Обединетите нации во 1973 година, за време на посетата на СФРЈ ја проверувале валидноста на овој проект, кој го ревидирале и одобриле, образложувајќи дека тој би можел да биде економски оправдан. На основа на тоа Европската заедница до 1990 година финансирала студија за пловно уредување на Вардар.

За Кина, втората економска сила во светот, која неодамна на собирот на Светскиот економски форум, го презема знаменцето на лидер во економскиот глобализам, изградбата на каналот која би траела околу една деценија и би чинела според првичните проценки преку 15 милијарди долари, во финансиска и технолошка смисла не е невозможна мисија. Прашање е само како ќе ги определат своите приоритети.