Повиците кон ЕУ како дома
Споделувајќи ја радоста со македонските граѓани по повод добивањето на статусот на Македонија – кандидат за полноправно членство во Европската унија, “Македонски телекомуникации”, викендов ги намали цените за телефонските разговори кон земјите-членки на ЕУ. Сите појдовни телефонски разговори кон фиксните мрежи на сите 25 земји-членки на Европската унија, како што истакнуваат од Телеком, биле тарифирани на ниво на национални разговори, односно, само три денари по минута. Додека пак, повиците кон мобилните мрежи останале исти, односно не претрпиле никакво намалување.
Инаку, тарифираните разговори кон фиксните мрежи на земјите членки на ЕУ, изнесуваат од 15 до 38 денари за минута – во зависност од зоната. Колку од граѓаните ги искористија овие бенифиции што им ги даде викендов и колкав телефонски сообраќај е остварен во привилегираните 48 часа, веројатно деновиве ќе соопштат од Телеком. Сепак, секој, кој вртел кон некоја од земјите на ЕУ, ќе може во декемврската сметка што ќе ја добие кон средината на идниот месец, да провери дали Телеком тој сообраќај им го наплатил по тарифата за национални разговори, односно по три денари за минута.
За викендов угостителските објекти во земјава работеа без ограничување на работното време. Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија, по повод доделениот статус од страна на ЕУ, го наслови по мотото “Европски ноќи”. (С. Бл.)