Се е подготвено за 5 Скопски атлетски маратон што започнува утре (9.00 ч.) од полштадот Пела”, каде што е и целта. Како и минатата, така и оваа година ќе се трчаат три трки на 5.000 метри за рекреативци, полумаратон на 21,097 км и маратонската трка од 42,195 км. Новитет годинава е тоа што маратонот воедно ќе претставува и Балканско првенство, а е влезен и на листата на маратони на ИААФ и на него може да се исполнува норма за учество на СП 2011 во Даегу (Ј. Кореја) и на Олимписките игри во 2012 година во Лондон.
– И годинава, како изминативе четири, ќе се трчаат трите трки. Особено ме радува што Скопскиот маратон од година во година се повеќе ги минува гранците на нашата земја и станува се поголем меѓународен настан, истакна градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

На маратонот ќе настапат околу 3.000 маратонци од речиси сите континенти: Америка, Австралија, Европа и Африка, а своето учество веќе го потврдија натпреварувачи од: Македонија, Турција, Србија, Бугарија, Романија, Албанија, Унгарија, Молдавија и Кенија.
– На маратонот првпат годинава ќе бидат воведени и специјални чипови за мерење на времето на натпреварувачите. Чиповите ќе бидат вградени во стартните броеви, а дел од средствата собрани од котизацијата за маратонот ќе бидат донирани во добротворни цели, изјави директорот на маратонот Кире Синадиновски.

Наградниот фонд и оваа година изнесува 10.000 евра. Првопласираните ќе инкасираат по 1.700 евра за резултат под 2:29.59 часа во машка конкуренција и 2:59.59 во женска конкуренција. Второ место чини 900 евра, а третопласираните ќе добијат по 500 евра. Организаторите обезбедија парични награди и за пласман од 4 до 7 место.
За најдобропласираните Македонци организаторите обезбедија парачни награди од 300 евра.