Скопски Вардар, единствената наша екипа што остана во ракометните евро-купови, вечерва во “Кале” (18 ч., влезот е слободен) ја пречекува романска Стеауа од Букурешт во првиот четвртфинален дуел во Челенџ купот. Амбициите на “црвено-црните” се да се стигне до самиот врв, да се освои победничкиот пехар, но за тоа ќе треба да се мине Стеауа. Претседателот и спонзорот на екипата, Михајло Михајловски, посакува победи со 7-8 голови во Скопје за спокоен реванш во Букурешт.
На вчерашниот прес оптимизмот беше присутен и кај тренерот Стојан Петрушевски, иако има повредени меѓу клучните играчи. Пепи Манасков се уште е неизвесен дали ќе игра, од две причини. Првата е повредата на листот на левата нога, а втората е црвениот картон, добиен на осминафиналната средба со италијанскиот Конверсано во Скопје. До вчера немаше известување од ЕХФ дали Манасков ќе може да игра. Управата на клубот телефонски комуницираше со челниците на Европската ракометна федерација, но оттаму информирале дека “комисијата надлежна за казни се уште не одржала состанок и, можеби, тоа ќе се случело доцна синоќа”. Проблеми со повреди имаат и Ракчевиќ и Стојановиќ, но со нив состојбата е многу подобра и сигурно ќе настапат. На лекарски третман и натаму е Наумче Мојсоски, но тој, веројатно, ќе игра во Букурешт. – За нас е најважно да имаме добра атмосфера и уште подобро да одиграме, а со колку голови разлика ќе победиме, засега не е битно. Стеауа ја “снимивме” и впечатокот е дека добро играат во одбраната, но брзо го губат мотивот за игра кога ќе почнат да губат. Веројатно тоа ќе биде наша шанса – вели тренерот Петрушевски. На местото на Мојсоски, централен бек, најверојатно ќе игра Стевче Алушевски, а ако треба и Коваленко или Ракчевиќ. Капитанот Зоран Петковски е оптимист: “Од сите поединци кои ги видовме на видео-касетата во романското дерби меѓу Динамо и Стеауа, најдобар впечаток ни остави левиот бек Шанија, кој е лидер на екипата. Да немаме повредени играчи, мислам дека можеме да ги добиеме Романците и дома и на гости. Во секој случај очекувам убедлива победа.


Вилизар ПАВЛОВ