Нашите млади фудбалски сили квалификацискиот циклус за следното ЕП, го завршуваат денеска против селекцијата на Данска. По тој повод беше организирана прес конференција на која селекторот Мирсад Јонуз и капитенот Ванчо Шиков ги изнесоа своите очекувања за вечерашниот дуел. На самиот почеток селекторот Јонуз изјави дека новиот систем на квалификации кој од годинава се употребува е катастрофален за младите селекции, кои наместо повеќе натпревари одигруваат само два дуела против останатите селекции. “Новиот систем е катастрофален. Од овој систем младите селекции немаат никаква корист. Место повеќе средби ние сме ограничени на два квалификациски дуела”. Што се однесува до денешната средба Мирсад Јонуз изјави дека мора да се игра на победа ако сакаме следниот циклус да не играме предквалификациони средби. “Мора да победиме, за да не играме предквалификациони средби како што игравме годинава против репрезентацијата на Луксембург. Реално гледано Македонија е најслабата селекција во оваа група. Теоретски шанси постојат, а ние ќе се бориме се додека тие постојат. И претходно изјавив дека главен проблем на оваа репрезентација е слабата натпреварувачка форма на играчите. За противникот можам да кажам дека игра агресивен фудбал во сите 90 минути. Шансата за победа ја гледам во нивната пресинг игра. Против Данска ќе играме малку затворено, но со зголемена агресивност”. Новиот фудбалер на прилепска Победа, Ванчо Шиков пред дуелот со Данска изјави дека ќе биде задоволен и со минимална победа бидејќи противникот е навистина силна репрезентација. “Знаеме колку се силни. На последното Европско првенство се пласираа на 4 место..Ние ќе го дадеме максимумот, а јас ќе бидам задоволен и со минимална победа. За потсетување во првата квалификациска средба нашата селекција беше совладана од репрезентацијата на Шведска со 3:1, а пласман на првото место можеме да избориме доколку вечерва ја победиме Данска, која на 6 септември ја совлада репрезентацијата на Шведска. На крајот селекторот Јонуз го објави тимот кој ќе се спротивстави на Данска, а во него се најдоа: Маџовски, Теникиџиев, Османи, Попов, Шиков, Станчевски, Брњарчевски, Неџипи, Ивановски и Илиевски. (М.С)