Македонската партија во Албанија викендов со митинг на плоштадот Гоце Делчев” во Пустец ја почна изборната кампања за престојните локални избори во Албанија, коишто ќе се одржат на 8 мај. Актуелниот градоначалник Едмонд Темелко бара нов мандат од граѓаните. На митингот тој укажа на постигнатите резултати од минатиот мандат и за проектите кои Македонската партија планира да ги оствари во наредните четири години. Темелко рече дека очекуваат изборна победа во Општина Пустец (Мала Преспа) и Општина Требиште (Голо Брдо), каде што Македонците го претставуваат мнозинството од избирачкото тело, а советнички места во Корча и Билишта, општините Запот и Шиштеец во областа Гора и во други општини во Албанија, каде што нема значителен број Македонци.
– Учеството на локалните избори потврдува дека Македонците своите права ќе ги остваруваат преку институциите на системот, својата иднина ја гледаат во интеграцијата во општеството како лојални граѓани на Албанија, која истовремено е и држава на Македонците, рече Темелко.
Македонската партија е во коалицијата Алијансата за граѓанинот” со Демократската партија на Албанија на премиерот Сали Бериша.

На митингот во Пустец присуствуваа пратениците Едмонд Спахо и Ѓерѓи Папа од Демократската партија во Албанија, пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, претседателот на Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН, Ташко Јованов, и делегација на Општина Штип предводена од Јордан Тунев.
Наредните денови до 8 мај Македонска партија ќе одржи изборни митинзи во сите девет населени места во општина Пустец: Горна Горица, Туминец, Долна Горица, Глобочани, Шулин, Леска, Пустец, Зрноско и Церје. Поголем дел од Македонците од Мала Преспа живеат и работат во Корча и Тирана во Албанија, Ресен, Битола и Скопје во Македонија и Лерин во Грција. Најголемиот број од нив се во своите села и масовно гласаат на денот на локалните и парламентарните избори во Албанија во својата родна Мала Преспа.