Даночниците од Управата за јавни приходи вчера во организирана акција затворија околу 90 спортски обложувалници во Тетово, Гостивар и околните населени места. Мета на инспекторите во оваа акција биле само обложувалниците, бидејќи Управата доби сигнали дека во овие два града и нивната околина “цути” бизнисот на црно со организирањето на игри на среќа. При проверка дали ја поседуваат дозволата од Министерството за финансии, инспекторите на самото место откриле дека на црно работат 26 спортски обложувалници во Тетово и уште околу 30 во околината на градот, како и 13 во Гостивар и околу 20-тина во околните населени места. Според информациите од Републичката управа за јавни приходи, инспекторите до крајот на вчерашниот ден ги затвориле сите кладилници кои работеле противзаконски. Во Тетово клуч на врата е ставен на шест обложувалници “Фифа”, на две “Ферплеј”, на синџирот од 12 обложувалници “Суперсингл”, а затворени се и “Калчо”, “Хиподром”, “Дерби”, “Меридијан” и “Теута”. Во Гостивар поради непоседување на дозвола за работа од Министерството за финансии вчера се затворени нелегалните обложувалници “Меридијан”, “Пикси”, “Интерспорт”, “Вилхил”, “Интертото”, “Спорт Лајф”, две кладилници “Планет” и три “Тотоспорт”. Според законската регулатива од оваа област, освен што обложувалниците веднаш се пломбирани, нивните сопственици ваквото работење на црно ќе ги чини 250 до 300 илјади денари на име на парична казна. Од УЈП велат дека со оглед на фактот што работењето на обложувалниците без дозвола на Министерството за финансии е кривично дело , на сопствениците ќе им биде одземена имотната корист што противправно ја прибавиле во текот на работењето на кладилниците, а за ова дело законот предвидува и казна затвор од една до пет години. Добивањето одобрение за работа на спортска обложувалница од Министерството за финансии чини 30.000 евра, од кои 15.000 евра се плаќаат веднаш додека другата половина на рати, а одобренијата се со времетраење од девет месеци.


Весна М. БОЖИНОВСКА