Плејбој прв ја прослави Коркина
Малкумина се оние кои сметаат дека Светлата Василиевна Коркина не е најдобрата руска гимнастичарка на сите времиња. Витрините во нејзината соба се преполни со освоени пехари и медали, иако според некои успеси не може да се мери со славната Романка Надија Команечи. Во кариерата има освоено седум олимписки медали, од кои две златни, како и низа најблескави одличја на светските и европските првенства. Само на собирите на Стариот континент од 1994 до 2004 година освои неверојатни 20 медали (13 златни, пет сребрени и две бронзени), што не му успеало на некого досега. Деветкратната светска првенства е родена во Белгород на 19 јануари 1979 година, но, сепак, најголемо внимание доби кога пред девет години се соблече за рускиот Плејбој. Тоа беше еден од најголемите спортски скандали било кога во Русија и таа фото-сесија ги засени сите нејзини поранешни и идни спортски успеси. По неколку месеци се беше заборавено, а младата руска гимнастичарка стана една од најпопуларните спортистки во својата земја. И покрај излетот во водите на фотомоделите, елегантната и неверојатно успешна, Коркина со своите 165 сантиметри светот ја памети по совршените презентации на гимнастичките справи, иако може да биде горда и на својата убавина. Денес Коркина е мајка на едно дете, кое минатата година го роди во Лос Анџелес и призната гимнастичка тренерка на руските девојчиња.