Компаниите кои имаат блокирани сметки, плаќања преку компензација, асигнација, цесија и преземање на долг ќе можат да вршат и во наредните две години.

Владата подготвува измени на Законот за платниот промет, со кој е утврдено дека учесниците во платниот промет кои имаат блокирана сметка, меѓусебното намирување на паричните обврски и побарувања преку компензација, асигнација, цесија и преземање на долг можат да го вршат до 31 декември годинава.

Според образложението во најавата за измени на овој закон, рокот до кој фирмите со блокирани сметки ќе можат да ги користат овие поволности се поместува до 31 декември 2017 година, за да не се оптовари стопанството.

– Имајќи предвид дека од 1 јануари 2016 година престанува можноста за плаќање со пресметка од страна на субјектите кои имаат блокирана сметка, а да не се зададе дополнителен товар на стопанството се оцени дека е неопходно примената на наведената одредба да се одложи за две години. Имајќи го предвид горенаведеното, се оцени дека е неопходно да се изврши изменување на Законот за платниот промет, се наведува во владината најава за законската измена.

Предлогот за измена на Законот за платниот промет треба да се изготви до 25 овој месец.
Инаку, под притисок на актуелната политичка криза во државата, се влошува состојбата на компаниите. Се поголем е бројот на оние чии сметки се блокирани, па пролонгирањето на рокот во кој можат да плаќаат со пресметка е добредојдено. Според податоците на Народна банка на Макеоднија во јули годинава под блокада биле 43.713 фирми и 68.001 сметка во приватниот сектор.

(С.Ву.)