Промената на прозорците и вратите во станбените згради, заедно со изведбата на нови фасади и поправките на кровните конструкции, можат да донесат пониски сметки за греење и ладење на македонските домаќинства во просек и до 40 отсто. Но, за да се извршат енергетско ефикасни реконструкции на целокупниот станбен фонд во земјава е проценето дека ќе бидат потребни над 500 милиони евра, покажуваат податоците на „Хабитат Македонија“.

Нивните податоци покажуваат дека околу 80 отсто од станбениот фонд во Македонија е создаден пред 1991 година, при што само 30 отсто од населението живее во домови со термална изолација. Како последица на ова, потрошувачката на енергија на годишно ниво од македонските домаќинства е огромна, иако сме една од најсиромашните земји во Европа. „Хабитат Македонија“ во изминатиов период учествувала во реконструкцијата на вкупно 78 станбени згради.

Стекнатото искуство покажува дека примената на мерките за енергетска ефикасност токму кај станбените згради ќе претставува еден од поголемите предизвици со кои ќе се соочи земјава.

– Во самиот процес на организација за реконструкција на зградите, најголемиот предизвик беше да се организираат сопствениците на станови, односно да се обезбеди согласност од сите станари – нагласуваат од „Хабитат Македонија“.

Покрај тоа што со инвестирањето може да се влијае во намалувањето на сметките за греење и топлење во секое домаќинство, енергетската ефикасност може да доведе и до намалување на аерозагадувањето во македонските градови, кое е особено загрижувачко поради начинот на затоплување на најголем дел од домаќинствата во земјава.

„Хабитат Македонија“ направил пресметка дека годишната заштеда на енергија во 60 станбени објекти, по аплицирањето на енергетски мерки, би изнесувала 7.910 мегават часови. Со ова, емисијата на јаглерод диоксид во воздухот би се намалила за 3.670 тони, и тоа само од домаќинствата што живеат во реконструираните 60 згради.

И покрај ваквите предности што произлегуваат од имплементација на мерките за енергетска ефикасност, Македонија засега е чекор зад останатите земји во регионот во однос на оваа тема. Законот за енергетска ефикасност допрва треба да се гласа од пратениците во националното собрание, по што треба да се започне примена и дополнување на подзаконските акти. Фондот за енергетска ефикасност на национално ниво треба допрва да се формира, а она што засега се знае е дека првичните средства за неговото основање ќе се обезбедат преку кредит од Светската банка.

Актуелната влада догодина ќе почне да го користи овој банкарски заем во висина од 25 милиони евра, со кои ќе се реновираат околу 100 јавни објекти на локално и на централно ниво. Дополнително, со 24,8 милиони евра од германската КфВ банка и од ЕУ ќе се изврши енергетски ефикасна реконструкција на студентските домови низ целата земја.  И покрај новите проекти што доаѓаат за реализација, во моментов нема подетални информации од државните власти за тоа која форма на поддршка во иднина ќе им ја даде државата на домаќинствата за да се спроведат мерките за енергетска ефикасност во домовите.