Вработените во Македонската радиотелевизија (МРТВ) за три дена ќе почнат генерален штрајк ако раководството на јавното претпријатие не им ги исплати трите заостанати плати, придонесите и надоместокот за храна за шест месеци. Синдикатот на МРТВ вчера испрати предупредувачко писмо до директорката Гордана Стошиќ да најде пари за исплата на заостанатите побарувања на вработените, во спротивно се заканија дека ќе преземат легитимни мерки за организирање на генерален штрајк. Се уште не е одлучено дали ќе се штрајкува со повремени прекини на програмата или вработените ќе излезат на протести пред зградата. Вработените во јавниот сервис последната мартовска плата ја добиле во мај, а хранарината им доцни повеќе од шест месеци. Единствено парите за превоз во износ од 1.900 денари и сините картони за здравствено лекување досега редовно ги добивале. Синдикатот на вчерашниот состанок ја донел одлуката за генерален штрајк поради долгогодишната лоша материјална и финансиска состојба во куќата. – Наместо да се грижи за вработените во МРТВ и да обезбеди пари за плата, директорката Гордана Стошиќ побрза да потпише менаџерски договор за да си го осигура работното место по формирањето на новата влада – обвинуваат вработени во МРТВ. “Вечер” веќе објави дека дел директори на јавни претпријатија потпишале менаџерски договори со кои ќе можат да останат на раководното место и по формирањето на новата Влада, а со тоа ќе се оневозможи и ревизија на работењето на МРТВ. Ваквата постапка е спротивна на одлуката на Собранието, кое воедно е и основач на ЈП МРТВ. Вработените велат дека директорката Стошиќ деновиве многу комотно се однесувала. Таа вчера наутро свикала состанок со членовите на Управниот Одбор и многу брзо си заминала. За тоа што е разговарано на седницата на УО се уште нема никакви информации. Дел од вработените веќе побарале средба со директорката, сакајќи таа да им образложи зошто толку многу се доцни со исплатата на платите, но не добиле повратен одговор. Проблемите во МРТВ се актуелни повеќе години наназад, а се заострија откако радиодифузната такса престана да се наплаќа преку сметките за струја. Новите австриски газди на “ЕСМ- Дистрибуција” во сметките за струја за мај повеќе не ја наплаќаат оваа давачка. Според Законот за радиодифузија, јавниот сервис на граѓаните веќе им испрати сметки за наплата на радиодифузната такса. Тоа е регулирано и спроведено дури деновиве откако ЈП “Македонска пошта” до граѓаните ги испратени и првите уплатници за плаќање на таксата. Но, и покрај тоа граѓаните одбиваат да ја плаќаат давачката.


Валентина МАРЈАНОВИЌ