Македонска навигација (М-НАВ) одлично си ја работи работата. Оттука и платите на вработените се ниво на другите 38 воздухопловни навигации што се членки на Евроконтрол. Вака индиректно првиот човек на Евроконтрол, Франк Бренер, кој беше во посета на Македонија, одговори на новинарско прашање дали оваа Европска организација за безбедност во авиосообраќајот е информирана од страна на македонската Влада за извештајот на Министерството за финансии дека платите во М-НАВ се високи.
– Ве уверувам дека од гледна точна на Евроконтрол давателот на услуги врши одлична работа и дава одлични услуги не само во однос на капацитетот и безбедноста, туку и во ефикасноста. Давателите на вакви услуги секогаш се споредуваат со другите даватели. Цените коишто тие ги нудат воопшто не се конкурентни во однос на другите даватели на услуги. Овие податоци се јавно изнесени и секој може да ги провери и сметаме дека тие податоци се одлични – рече Бренер.

Во ревизорскиот извештај од декември 2012 година беше утврдено дека вработени во М- НАВ, наместо регуларни и намалени плати како што препорачала Владата, земале плати и до 2.800 евра, но тие биле според Правилник за исплата на плати кој бил спротивен на член 32 од Уставот каде е регулирано дека платите се утврдени со Закон, а не со правилник. Поради тоа, Владата побара М-НАВ да изготви нов извештај за тоа дали ги следеле препораките за движење на платите и трошоците, како и за целокупните трошоци на навигација.

Исто така, за да се намалат високите трошоци во Контролата на летање, Владата до Евроконтрол ќе испрати барање дали тие ќе дадат согласност да се промени системот на менаџирање и генерирање на повисоки приходи преку намалување на цената за прелетите. Бренер посочи дека Македонија работи според строгите правила за пресметување на надосметоците за прелет, што ги применуваат сите 39 земји членки на Евроконтрол.
– Вашата земја работи според тие правила без никаков исклучок. Секакви промени на пресметките мора да бидат на иста линија со прописите на Евроконтрол. Количината на сообраќајот што поминува преку една земја зависи од воздушните патиша, односно од користењето на линиите. Менаџерот на мрежата соработува со М-НАВ и со Управата во насока на тоа како да се одвива протокот на сообраќајот во иднина. Тоа е клучниот фактот за привлекување поголем сообраќај во иднина – појасни Бренер.

Пораст на бројот на прелети беше главна тема и на разговорите на Бренер со министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
– За нас побитно е да се зголеми бројот на патниците на македонските аеродроми, но секако еден од приоритетите ни е и зголемување на бројот на прелетите над Македонија – рече Јанакиески и додаде дека очекува бројот на патници на аеродромите годинава да биде над еден милион.
Како причина за намалување на бројот на прелетите во 2012 година во однос на претходната 2011, Јанакиески го истакна затвореното небо над Косово и во некои други земји во околината. Тој нагласи дека ќе се обидат преку намалување на цената да го зголемат бројот на прелети.

Инаку, Бренер упати честитки, за како што рече, за позитивните резултати во организацијата на воздушниот сообраќај во земјава.
– Во последните пет години нема никаков застој во капацитетот и протокот во воздушниот простор на Македонија. Сакам да упатам честитки за позитивните резултати бидејќи нема никакви инциденти во поглед на сигурноста и безбедноста на авиосообраќајот – истакна Бренер кој нагласи дека фактот што е во посета на Македонија еден месец по стапувањето на функцијата, покажува колкаво е за Евроконтрол значењето на македонскиот воздушен простор.
Со директорот на АЦВ, Дејан Мојсосоки разговарале за натамошниот развој на воздухопловната област, регулативата за вклучувањето во заедничкото европско небо, растот на воздушниот сообраќај и идните проекти за подобрување на перформансите на европскиот систем.
– Имавме извонреден состанок со директорот на Евроконтрол, пред кој ја претставив генералната слика на водухопловството во Македонија и му ги изложивме сите перформанси и заложбите за имплементација на пакетот регулатива за интеграцијата во единственото европско небо, како и составувањето на единствениот европски пазар – рече Мојсоски.

(С.Бл.)