Шпанскиот оперски пејач Пласидо Доминго (78) е обвинет за сексуално злоставување од страна на осум оперски певици и една танчерка. Тие тврдат дека во 80-тите години од минатиот век биле уценувани од Доминго да имаат сексуални односи со него во замена за улоги. Ако ја одбиеле понудата биле ,,професионално казнувани“.

Со децении, Пласидо Доминго, еден од најпознатите и најмоќни пејачи во операта, се обидувал да изврши притисок врз жените за сексуални односи во замена за нивните работни места, пишува „Асошиејтед Прес“.Оценет како еден од најголемите оперски пејачи на сите времиња, Доминго исто така е и диригент и директор на операта во Лос Анџелес. Повеќекратниот добитник на Греми е неизмерно почитувана фигура во неговиот музички свет, опишан од колегите како човек со огромен шарм и енергија, кој работи неуморно за да ја промовира својата уметничка форма.

Само оперската певица Патриша Улф јавно истапи со обвинувањата. Доминго ги отфрли обвинувањата, истакнувајќи дека го обвинуваат за нешто од пред 30 години.

,,Ме боли да слушнам дека некого сум вознемирил или се чувствувал непријатно, без оглед колку долго помина и покрај моите најдобри намери”, истакна Доминго.Тој смета дека „правилата и стандардите според кои денес сме оценувани, се различни од оние што постоеле порано“.

извор: Makfax