Неименуван маж направил штета од 100 илјади евра на службениот авион на германската канцеларка Ангела Меркел. Тој упаднал во авионот без контрола, пијан, дрогиран и гол.
Германските служби за безбедност го испитуваат инцидентот и пропустот на надлежните служби поради упадот на овој 24-годишен маж. Шпигел пишува дека полицијата го затекнала натрапникот многу издрогиран и разголен до долна облека. Тој кај себе имал кесичка полна со марихуана и таблети екстази и во авионот влегол без никакви проблеми. Бизарно е што авионот на Меркел се наоѓал во строго чуван затворен воен дел на аеродромот во Келн.

Натрапникот прво се испрскал со пена за гаснење пожар, потоа си поиграл во пилотската кабина и ја активирал лизгалката на надувување која се користи за евакуација од авионот. На крајот малку танцувал на крилото од ербасот 319. На полицијата и обезбедувањето им биле потребни четири часа да го фатат натрапникот и да го исфрлат од авионот. Всушност, тоа му успеало на еден полициски пес.

Инаку, овој инцидент се случил на 25 јули, но досега бил чуван во тајност.