Златен накит и девизи
– 21 парче златен накит (синџирчиња, алки, обетки, приврзоци и прстени) со вкупна маса од 145 грама, откриени на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавениот накит е пронајден во една хартиена кеса сместена позади совозачкото седиште и едно најлонско кесе сместено во багажниот простор на возилото.

– 2.800 евра, откриени на граничниот премин Табановце автопат, при личен претрес на српски државјанин, кој со патничко возило со словачки регистарски таблички, се пријави за излез од државата. Во џебови од палтото и панталоните на возачот пронајдени се вкупно 12.800 евра, за кои не поседувал документ за потекло. Согласно законските прописи на патникот му се вратени 10 илјади евра, износ што нерезидент може слободно да го изнесе од државата.

 

Оружје и муниција
– 1 нов пиштол марка ГЛОЦК со калибар 45 мм, два магацини за муниција, 13 парчиња муниција за истото оружје и по 1 парче муниција за пиштол МАГНУМ 357, ЗАСТАВА ТТ и автоматска пушка-калашников, откриени на граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Пиштолот и муницијата се пронајдени во црна пластична кутија, сокриена под патосницата позади совозачкото седиште.


Цигари
– 38 штеки цигари  со македонски акцизни маркички, откриени на граничниот премин Деве Баир, при личен претрес на две македонски државјанки, кои се пријавиле за излез од државата. Кај едната патничка пронајдени се 20 штеки цигари, а кај другата 18 штеки цигари. Во двата случаи цигарите биле сокриени околу половината и околу нозете, под облеката на патничките.

Стоматолошки инструменти
– 2.647 разни стоматолошки инструменти и материјали (клешти, огледала, пинцети, ножички, лопатки, шпатули, четкички, бургии, коронки, спирали за вадење нерв и др.) откриени на скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патниот куфер на американска државјанка која допатувала со лет од Лондон.

Разна стока
– 961 разни производи (тренерки, џемпери, шалвари, долна облека, кошули, хеланки, постелнина, прекривки за маси, шалови, украсни ленти и др.), 16,8 литри лепило, 12 килограми монистри и 30 килограми кафе, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со грчки регистарски ознаки, со кое за влез во државата се пријавиле двајца грчки државјани. Непријавените производи пронајдени се во повеќе ќеси сместени во багажниот простор, на задното седиште и помеѓу седиштата на возилото.
– 15 матични плочи и дисплеи за автомати за игри на среќа, откриени на граничниот премин Ново Село, при контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски ознаки управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените производи пронајдени се во преградата на вратата од возачката страна, во фиоката за документи и во кеса сместена помеѓу предните седишта на возилото.
– 1 комплет швајцарски регистарски таблички 

Стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост
– 2.044 тоалетни води со ознака на заштитена трговска марка, откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило со турски регистарски ознаки управувано од турски државјанин, пријавено за влез во државата. Возилото било натоварено со разна стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Албанија.
– 100 килограми платно со ознаки на заштитена трговска марка, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на разна стока со потекло од Турција, наменета за фирма увозник од Струмица.
– 75 готови текстилни производи (блузи и дуксери) со ознаки на заштитени трговски марки, откриени на царинската испостава Штип, при контрола на стока со потекло од Косово, пријавена за увозно царинење за фирма увозник од Скопје.

Мигранти
На граничниот премин Богородица е спречен обид за нелегален влез во државата на 11 патници.
На граничниот премин за влез во државата се пријавило празно товарно моторно возило со бугарски регистарски ознаки, управувано од бугарски државјанин, кој изјавил дека оди за Австрија за да товари стока и нема што да пријави за царинска контрола. Поради сомневање во неговата изјава, царинските службеници, во соработка со полициските службеници од преминот, извршиле детална контрола на возилото, при што во специјално изработена преграда во товарниот дел, откриени се 11 сиријски државјани.
Илегалните патници предадени се на полициската служба на граничниот премин за понатамошна постапка.