Андреј Миске повторно ја збуни јавноста – по неколкуте повлекувања и враќања од и на музичката сцена во изминатава година, раперот преку официјално соопштение повторно ни најави камбек, и тоа преку новиот сингл кој го носи името “Се враќам”.

На општо задоволство на инаку опасно разочараните фанови, пејачот повторно по 764.764 пат (веќе не можат да се избројат на рака враќањата и одењата) решил да ги израдува сите миленици на неговата музика и да им подари нов хит во кој пее за својот живот и неговата љубов кон сопругата со која стапи во брак пред неполн месец.

Дали ова значи враќање за секогаш во музиката или пак наскоро ќе добиеме ново соопштение преку кое траорно ќе не разочара и ќе ни каже дека си оди засекогаш (до пуштањето во етер на нова песна) не знаеме, бидејќи нели со пишман Миске ништо не е сигурно.

Дури и јасновидците кои ги исконсултиравме не успеаа да ни ја разрешат дилемата, бидејќи како што тврдат и самите на ваква ѕвезда која сјае со таков интензитет, тешко дека може да и се влезе во трага.

Затоа ни останува само да уживаме во новата песна, да се молиме дека нема да си отиде повторно и на неговиот невидлив ПР тим конечно да му текне да смисли нов маркетиншки трик, оти овој со одењево и враќањево веќе е излитен и смешен.

(Ј.А.)