Јужноафриканскиот атлетичар со две ампутирани нозе, Оскар Писториус, кој е обвинет дека извршил убиство со умисла на својата девојка Рив Стенкамп, на 14 февруари годинава проба да се договори со нејзините родители.

Тој на родителите на девојката им понуди парична спогодба, а тие наводно бараат 220.000 евра.
Писториус (26) е обвинет дека ја убил Рив во својата куќа во Преторија со четири истрели од огнено оружје во раните утрински часови на 14 февруари и тоа пукајќи низ затворената врата во бањата.

Оскар тврди дека мислел дека во неговата куќа влегол крадец, додека обвинителството смета дека се работи за убиство со умисла, дело кое се казнува со доживотна затворска казна.
Адвокатите на атлетичарот се обидуваат да го сменат обвинувањето и да му се суди за убиство од небрежност.

Стенкамп беше пронајдена мртва на подот од бањата во куќата на Писториус, погодена со три истрели – во главата, во раката и во колкот.
Писториус во јуни годинава беше пуштен да се брани од слобода со кауција од 78.000 евра.

АТЛЕТИКА
Ортега избега од селекцијата на Куба

Финалистот на трката на 110 метри со пречки на Олимписките игри во Лондон, Кубанецот Орландо Ортега, избега од националниот тим по завршувањето на Светското првенство во атлетика во Москва.
Атлетската федерација на Куба го окарактеризира неговиот потег како нечесен и додаде дека спортистите како него никогаш нема да уживаат голема почит.
Ортега на Игрите во Лондон минатата година заврши како шести во финалето, а во Москва не успеа да се пласира во финалето. Во 2011 година тој се закити со бронзениот медал на Панамериканските игри.

ЈАМАЈКА
Болт заработува по 2.000 евра на метар

Најбрзиот човек на денешницата, Јамајчанецот Усеин Болт, инкасира 225.000 евра од настапот на Светското првенство во атлетика во Москва. Светскиот рекордер на 100 и 200 метри оваа сума ја добил само за пласманот во финалето, а заработи и дополнителни 60.000 долари за секој освоен медал.
Според пресметките, Болт заработил по 2.000 евра за секој истрчан метар на првенството.
На оваа сума треба да се додадат и парите од спонзорските договори и бонуси.
На првенството во Москва Болт се закити со три златни медали на 100, 200 и 4х100 метри.