Холандската полиција го испитува случајот со испраќањето писма со експлозив на адресите на многубројни претпријатија во три града. Полицијата ги повика граѓаните да бидат претпазливи доколку најдат вакви пратки.

Писмо со експлозив е пронајдено утрово од страна на персоналот во луксузниот хотел „Окура“ во Амстердам, соопшти полицијата, која откри шест вакви писма оваа недела.

„Последниве денови во разни компании на разни места меѓу поштата имаше и писма што содржат експлозив“, се вели во соопштението на полицијата.

Пиротехничката единица на Министерството за одбрана денес интервенира и спречи експлозија на писмото.

„Експлозивот можеше да предизвика сериозни повреди“, велат од полицијата, која претпоставува дека писмата се средство за изнудување.

Писмата биле испратени на разни адреси во Амстердам, Ротердам и во Утрехт, вклучувајќи два хотела, две бензински пумпи, агенција за недвижности, автосалони и седиште на една банкарска служба.

Пронајдените писма биле подебели од вообичаените и како испраќач била наведена една државна служба. Полицијата им порача на граѓаните да не ги отвораат ваквите писма ако им стигнат, туку веднаш да ја повикаат полицијата.

извор: Makfax