Азиски и европски морнари биле киднапирани во четвртокот од брод во Гвинејскиот Залив, во близина на јужното камерунско пристаниште Дуала, изјави висок камерунски морнарички извор, пренесува „Брејтбарт“.

„Тие беа киднапирани утрово. Киднаперите се веројатно нигериски пирати. Камерунските сили почнаа операции за пребарување“, вели изворот, кој не даде детали за бројот или националноста на киднапираните.

Официјален претставник на пристаништето Дуала го потврди киднапирањето и рече дека морнарите биле грабнати по нападот на нивниот брод.

„Засега не го знаеме бројот на киднапирани морнари“, рече тој.

Гвинејскиот Залив, чие крајбрежје се протега во огромен лак од Либерија до Габон, е познат по пиратството, како и кражбите на нафта, нелегалниот риболов и трговијата со луѓе и со дрога.

Според Меѓународното поморско биро (ИМБ), 62 морнари биле земени како заложници или киднапирани во областа во првата половина на 2019 година.

Гвинејскиот Залив учествува со 73 отсто од киднапирањата и 92 отсто од заложниците заробени на море во светот.
Седумнаесетте земји во Гвинејскиот Залив и соседните региони имаат ограничени можности за надзор и поморска одбрана. Тие неколку годинисе обидуваат да ги зајакнат своите можности за интервенција и да воспостават поблиска соработка.

извор: Makfax