“Тиквеш“, “Пивара” и “Мек доналдс” се фирми кои редовно ги исполнуваат обврските кон државата и тоа може да се провери во секое време. Ние со децении градиме еден етички бизнис. Што се однесува до Дарко Гелев, тој е само 0,02 отсто од проблемот на даночната евазија. Тоа што се случило е негова грешка и тој ќе си ја плати. Треба да се бараат преостанатите 99,08 отсто кои се даночни затајувачи. Ова го изјави вчера Светозар Јаневски поранешниот генерален директор на скопска Пивара и основач на “Тиквеш“ и “Мек Доналдс” во Македонија по повод аферата што ја откри владата т.н. “даночна пирамида” и вклучувањето на неговиот зет Дарко Гелев-Брејк како алка во даночната евазија. Станува збор за две фактури во вредност од 20.000 евра, на кои Гелев не платил данок, но кои се намирени уште пред три месеци. Даночните затајувања не се проблем од сега, туку тоа е стара работа, и почнуваат со партиските прегрупирања, изјави вчера Јаневски. Секое партиско прегрупирање носи такви проблеми. Јас сум повеќе од 30 години во стопанство и се обидувам она што го работам да го работам чесно. Споменувањето на некоја бизнис-олигархија во даночната пирамида, според него не држи, бидејќи таква олигархија не постои. Постојат само фирми кои опстојаа во транзицијата и кои се обидуваат да работат фер.
Според Јаневски, мора до крај да се расчисти оваа тема за да се создаде еден амбиент на чесност, бидејќи спротивно, најлошото што може да ни се случи во барањето инвестиции е да се добие впечаток дека амбиентот во кои се работи е нефер. Поточно, според него некои компании во државата го носат товарот, а други не го ни чувствуваат. Дури 16 отсто од прехранбената индустрија и земјоделието, вели Јаневски, го носи товарот на 50 отсто приходи во буџетот, што не е етички од никој аспект. Според него, она што ни се случува во економијата и растот кој се прикажува, се две сосема различни работи, и далеку од она што го чувствуваат поединечно граѓаните. Само тие може да кажат дали постои реално подобрување во вкупниот економски амбиент. Конечно и суфицитот во буџетот со кој се фалат и оваа и минатата власт, сам по себе не носат ништо подобро во економијата, изјави Јаневски.


Виолета ЦВЕТКОВСКА