Судбината на суспендираната и избрканата инспекторка може да ги снајде и другите инспектори ако евентуално бидат откриени во таков криминал. Ќе дознаете брзо дали има и други инспектори, веднаш штом ќе имаме сознанија” , изјави вчера првиот човек на УЈП , Петра Митева.
Токму добро изрежирани даночни манипулации, кои резултираа со формирање голем број даночни пирамиди во земјава, се дел од причините за големата даночна реформа, која се планира во наредните три и пол години.
Според досегашните сознанија дури 73 фирми се поврзани во една од даночните пирамиди, која во земјава се ширела од поодамна. Станува збор за стара даночна пирамидална шема, на која кога УЈП и влегла во трага. Се претпоставувало дека во неа се само околу 20 поврзани компании, но сега е констатирано дека во овој криминал се инволвирани дури четири пати повеќе актери. Оваа пирамида е само еден од огромниот број случаи на капитално или роднински поврзани компании коишто го прикривале данокот од државата. Но, откриена е и друга шема. Се згаснува старата компанија и намерно се турка во стечај, по што сопственикот формира нова фирма на која и го пренесува целиот имот и продолжува да работи, а државата останува покуса за даночниот долг.
За да застане на патот на оваа практика и да се засили ефикасноста на УЈП, Владата изготви нови закони за Управата за јавни приоходи и за даночна постапка, кои вчера беа ставени на маса во матичната комисија за финансирање и буџет. Со законот за УЈП се настојува даночните инспектори да станат максимално одговорни, чесни, доблесни, добро обучени, и она што е најважно, да не подлежат на корупција, односно да не ни помислат да им помагаат на даночните затајувачи во својот криминал.
Една од новините во Законот за даночна постапка, пак, ќе биде што онаа фирма која должи пари за даноци, нив повеќе нема да може да ги избегне преку згаснување на старата и формирање на нова компанија, или, пак, преку основање на бројни фирми-ќерки, на кои не може да им се фати трагата. Ќе се формираати и даночни канцеларии за 100-те најголеми плаќачи на даноци и за 100 најголеми плаќачи на придонеси. Веќе, во 2008 УЈП покрај даноците, ќе ги наплатува и придонесите, а една од реформите е и што ќе се унифицира основицата за наплата на персоналецот и придонесите, кои сега се разликуваат по гранки.


Весна М. БОЖИНОВСКА