Пипо загреан за голови и убавици
Напаѓачот Филипо Инзаги е еден од најзаслужните за пласманот на Милан во полуфиналето од Лигата на шампионите. Вредниот собирач на отпадоци пред противничките голови и најубавите жени во светот, беше стрелец на двата гола во дуелот со Олимпик од Лион (3:1). Навивачите на “росонерите” очекуваат реализаторските способности на Инзаги да дојдат до израз и вечерва против Барселона. Голгетерскиот осет од теренот Пипо успешно го пренесува и во приватниот живот. Неговиот список на имиња на познатите италијански манекенки и ТВ водителки, што успеал да ги однесе в кревет е мошне долг. – Се што сакам е да уживам во животот. Фудбалот ми овозможи да станам богат и славен, но нема да запрам тука. Не знам зошто ве интересира кој ја минал ноќта во мојата куќа. Ќе се оженам кога ќе дојде вистинскиот момент. Не се знае кога е тоа, но на мајка ми и ветив дека еден ден ќе се оженам, вели Инзаги, кој на 9 август ќе наполни 33 години. Животот на плејбој Пипо го почна во 2000, кога од тивкото Торино и Јувентус мина во монденското Милано, каде секоја недела ги менуваше придружничките. Најдолга му беше врската со водителката на РАИ Саманта де Гренет, која по раскинот побара помош од психијатар, додека Инзаги се тешеше во прегратките на Алена Середова, Мануела Акури, Алесија Мерц, Сабина Беган, Анџела Русо и десетици долгоноги убавици.