x

ПЕТТЕ ГОЛА ОД ВЕЛЕЊЕ НЕДОСТИЖНИ: Нема европска пролет за Металург

Металург ја доживеа истата судбина како и Бутел и Пелистер, односно по само два натпревари е елиминиран од ЕХФ купот. „Металурзите“ не успеаја да ја неутрализираат негативата од пет гола од Велење и ремизираа 23:23 (13:10) со словенечкиот вице-првак Горење, во реваншот од третото квалификациско коло.

Ова и дефинитивно значи дека сезонава нема да имаме македонски клуб во групната фаза од ЕХФ купот.

Металург ја имаше иницијативата во првото полувреме, во неколку наврати имаше шанса и за четири гола предност (5:2, 6:3, 13:10), но ниту една од овие ситуации не знаеше да ја искористи. Одбраната се држеше добро, но организацијата на нападот, многу технички грешки и загубени топки, беа причината што „металурзите“ не можеа резултатски да се „одлепат“ онолку колку што е потребно за пласман во групната фаза.

Лошо го отворија второто полувреме ракометарите на Зоран Кастратовиќ, па Горење изедначи на 15:15 во 41. минута, кога полека стана јасно дека нема надеж за европска пролет.

На пет минути до крајот на средбата при водство 22:19 се отвори последна шанса за Металург, Владо Матановиќ од Горење доби директен црвен картон, а „металурзите“ пенал, но Танкоски биеше крај голот. На грубиот старт на Матановиќ, бурно реагираше Јагуриновски, па и тој доби две минути „ладење“, па наместо да си дадат сами на себе надеж во финишот на средбата, тие сами се уништија и завршија со Европа.

Марио Танкоски со шест гола и Милан Поповиќ со пет погодоци беа најефикасни во редовите на Металург, додека Матиќ Вердинек од Горење беше прв стрелец на мечот со девет погодоци.

sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата