Јавниот повик за продажба на зградата на Светскиот бизнис центар ќе биде повторен кон крајот на идниот месец и тоа со истите услови како и во претходната објава. Оваа одлука на Владата доаѓа по фијаското што се случи пред една недела, кога јавното наддавање на кое беа пријавени четири компании, не се одржа. Од Владата информираат дека причините за неодржувањето биле од техничка природа, меѓутоа, како што им беше соопштено на медиумите веднаш по неспроведената лицитација, постапката не можела да се одржи од едноставна причина – останал само еден наддавач. За разлика од претходните три јавни повици за купување на атрактивната карабина, овој пат имаа намера да се наддаваат по една словенечка, шпанска, австриска и луксембуршка компанија. Уште во стартот словенечката и шпанската компанија беа елиминирани поради несоодветна документација, а луксембуршката фирма самата се повлече од натамошното лицитирање, со образложение дека не сака да влегува во аранжман за купување на објект без нерегулиран статус на земјиште на коешто е изграден. Двете компании што биле изземени пред лицитацијата, немале регуларни банкарски гаранции – едната не била конфирмирана од домашна банка, што било и услов за учество на лицитацијата, а другата гаранција била условена со земјиштето под објектот. Инаку, Јавното станбено претпријатие, кое е сопственик на Центарот, ја продава само зградата, додека земјиштето под неа, со површина од 1.333 квадратни метри не се отуѓува, а неговата сопственост би требало да се регулира дополнително, со посебна спогодба во согласност со законските прописи на Р. Македонија.


Светлана БЛАЖЕВСКА