Членот на Европскиот парламент и претседавач со делегацијата на Парламентарниот комитет за Република Македонија Алојз Петерле го поздрави враќањето на опозицијата во македонсото Собрание.

– Го поздравувам враќањето на главната македонска опозициска партија во Собранието што претставува суштински чекор кон политичка нормализација на земјата согласно договорот постигнат меѓу главните политички партии. Целосното воспоставување на работата на Парламентот ќе ја смести политичката дискусија во земјата во рамки на соодветниот институционален контекст со што ќе се стави крај на повеќемесечниот политички ќор сокак и ќе овозможи прогрес за клучните политички прашања, вклучувајќи ја и европската перспектива на земјата, вели Петерле во пишаната изјава.

Тој воедно ги потсетува главните политички лидери да го почитуваат политичкиот договор постигнат во јули, како и постојната институционална рамка.

– Конечно, возобновувањето на парламентарната работа во целосна политичка смисла исто така ќе овозможи отпочнување со активностите на Мешаниот парламентарен комитет ЕУ – ПЈР Македонија во целосен формат. Очекувам првите состаноци да се случат подоцна оваа есен, се наведува во изјавата од европратеникот Петерле, кој беше премиер на првата демократски избрана влада во Словенија.