Пентагон објави дека го започнал процесот на враќање на американските трупи од Сирија, додека САД започнале транзиција кон следната фаза од кампањата.

„Коалицијата ја ослободи територијата што ја држеше Исламската држава, но кампањата против оваа организација не е завршена”, рече портпаролката на Пентагон, Дана Вајт.

Дека САД почнаа да ги враќаат војници од Сирија додека се движат кон нова фаза од кампањата против Исламската држава, претходно соопшти и Белата куќа, тврдејќи дека „територијалниот калифат” на таа екстремистичка група е поразен.

„Овие победи над Исламската држава во Сирија не го означуваат крајот на глобалната коалиција или нејзината кампања. Почнавме да ги враќаме американските војници дома додека се префрламе на следната фаза од кампањата”, изјави портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс.

И американскиот претседател, Доналд Трамп изјави дека Исламската држава е поразена.

„Ние ја поразивме Исламска држава во Сирија“, напиша американскиот претседател на социјалната мрежа „Твитер“.

Претходно и американските медиуми објавија дека САД планираат да ги повлечат своите војници од Сирија.

Имено, според Си-ен-ен, кој се повикува на неименуван американски воен претставник, во тек е планирањето за „целосно” и „брзо” повлекување на американските трупи од Сирија. Тој додаде дека одлуката е донесена од американскиот претседател, Доналд Трамп, кој пред долго време изразил желба да ги повлече војниците од Сирија.

извор: Makfax