Фондот за пензиско и инвалидско осигурување вчера објави продажба на државни удели и акции во приватни фирми, кои ќе се продаваат на берзанска аукција на само еден месец пред изборите. “Вечер” веќе објави дека Пензискиот фонд на тајна седница на Управниот одбор донел одлука за предизборна продажба на берзанска аукција, која треба да се одржи на 2 јуни. Според информациите на “Вечер”, вредноста на овој имот се проценува на 120 милиони евра иако Пензискиот фонд во огласот објавува вкупна почетна цена на државните удели и акции во вредност од околу 35 милиони евра. ПИОМ го продава капиталот во повеќе од 60 фирми, и тоа по две цени. Првата продажна цена е еднаква на номиналната цена на акциите и уделите, а втората е со 50 проценти попуст. Меѓу фирмите, како поатрактивни се: Алкалоид, Фершпед, Агроплод, Европа, ЕМО Охрид, Кјуби, Окта, Макпетрол, Топлификација, Тиквеш, Жито Лукс, Жито Прилеп, Жито Вардар, Жито Битола…. Од Кјуби се продаваат 4,13 милиони евра државен капитал, од Макпетрол 3 милиони евра, од Алкалоид 2,3 милиони евра, од Окта 1,1 милиони евра, од Лотарија на Македонија 1,11 милиони евра …. Фондот акциите на некои од фирмите ги продава со 40 проценти пониска вредност од берзанската, а акциите кај некои од фирмите, пак, се преценети и ќе се продаваат по повисока цена од таа по која котираат на берзата. Според наши информации, за однапред познатите купувачи цените се и пониски и обратно – за фирмите за чии удели се уште не се обезбедени купувачи, цените се исти или преценети. ,,Вечер” веќе објави дека ако има незадоволни заинтересирани купувачи на овој имот, тие можат да се обратат до Комисијата за хартии од вредност. Но, директорката на Комисијата, Весна Пендевска, токму во тој период планира и најавува престој на семинар во Кина. Во Кина, заедно со неа, треба да оди и целиот стручен тим, со што нема да има можност незадоволните купувачи да имаат квалитетен одговор од Комисијата за хартии од вредност бидејќи тие ќе бидат отсутни од земјава. Со оваа продажба, во последните месеци пред изборите, сумата од продаден имот, кој Владата го отуѓува во итни постапки, е над 800 милиони евра. Пред изборите веќе се продаде ЕСМ Дистрибуција, се објави продажба на државниот удел во Телеком, се продадоа Градските аптеки, државните акции во комерцијалните банки, а сега ќе стартува и продажбата на уделите на Фондот. Тоа значи дека Владата сака да ги продаде сите државни удели, за по изборите, новата Влада да нема можност за никаква контрола и влијание во речиси ниедна фирма во земјава, бидејќи во нив ќе нема државен капитал. Во повеќето држави или со закон, или со пракса, вакви трансакции пред избори нема. Нашиот извор вели дека оваа, и останатите продажби, се последица на притисоците на бизнис крилото и логистиката на СДСМ и на ДУИ пред изборите да се дојде до приходи, иако нема проекти за реализација на парите од продажбата, а ниту има време да се подготват.


Ивона ТАЛЕВСКА