Во буџетот на Фондот за здравствено осигурување се зголемуваат приходите од пензионерите, а се намалува приливот од активното население. Некои големи осцилации во приходите нема, а месеч- ниот буџет на фондовската каса веќе подолго време е позициониран на околу 20 милиони евра. Со најголем процент во него и натаму учествуваат фирмите, односно работодавачите, а по него следат трансферите од Фондот за ПИОМ и од Агенцијата за вработување… “Приходот стагнира или е во благо зголемување, но неговата структура е неповолна. Се зголемува уделот од пензионерите, но не и од вработените”, објаснува директорот д-р Никола Пановски. Според него, во некои подобри времиња вработените партиципирале со 85 проценти во структурата на приходите. Сега нивниот удел е паднат под 60 отсто, односно изнесува малку повеќ е од 55 проценти. “Ваквата тенденција од економски аспект е неповолна и секој би посакувал процесот да е обратен, односно да расте приходот од работно активното население”, објаснува Пановски. Решение за оваа неповолна состојба се бара во поефикасна наплата на придонесите, затоа што ако се зголеми прибирањето на приходите за пет отсто како што се планира со еден од проектите на Светска банка, тоа на прв поглед не е голем процент, меѓутоа на годишен буџет од околу 240 милиони евра, сепак, се добива сума што не е за занемарување. Во Фондот, сепак, проценуваат дека вистинскиот клуч за подобрување на состојбите е во заживувањето на стопанството и во реактивирањето или отворањето на нови стопански капацитети.


РИСТЕ НЕДАНОВСКИ